top of page
razvojmk

ОСЛОБОДИ ГО УМОТ ОД КОРУПЦИЈА


Информација за медиумите - промоција на проектот по повод Светскиот ден за борба

против корупцијата, 9 Декември - Прес-конференција во Градска Кафана „Пелистер„,

Понеделник, 9 Декември 2019 година, 11.00 часот.


Проектот е составен од интерактивна театарска претстава, документарен филм, истражување, научна студија и социјална мрежа за долгорочно суштинско надминување на корупцијата во нашата земја.


Здружението на граѓани Театар „БОЕМИ„ ќе спроведе дванаесетмесечен проект за едукација на претставници на релевантни институции во земјата и избрани младински претставници за градење на правично и демократско општество без корупција. Проектот ќе опфати 30 градови и ќе вклучува 70 претставници во секој град - 35 млади од средните училишта и факултети и 35 претставници на градските институции како судовите, полицијата, локалната самоуправа и граѓанскиот сектор. Како алатка ќе се користи ФОРУМ ТЕАТАРОТ како форма на интерактивна игра со публиката, за преку уметничко креирање и дијалектички пристап, да се создаде театарска претстава што ќе комуницира со публиката живо и интензивно. Формата на Хепи Хипо Шоу, како развиен сегмент на форум театарот, овозможува отворена дискусија со публиката на тема - борба против корупцијата - и ќе и овозможи на публиката да извлече свои заклучоци за специфичните ситуации во сопственото опкружување. Како дел од претставата, сите ја учат и ја пеат химната на шоуто и во забавна форма се донесуваат суштински заклучоци насочени кон исполнување на основните цели на проектот. За таа цел ќе биде напишана драма и подготвена специјална театарска претстава, ќе се сними и објави документарен филм, ќе се спроведе истражување за подигнување на свеста за корупција и заклучоците ќе бидат објавени во книга - научна студија а сите 2.100 учесници ќе станат членови на Националното Мрежа за подигнување на свеста за корупција. Називот на мрежата е РАЗВОЈ на македонски јазик, ZHVILLIM на албански јазик и DEVELOPMENT на англиски јазик. Развиваме три веб-страници на сите три јазици: www.razvoj.mk, www.zhvillim.mk и www.development.mk со иста содржина и информации за проектот. Изработено е и специјално лого за проектот и мрежата кое ја претставува нашата земја во форма на мозок кој се развива, опкружено со називот на мрежата на трите јазици, затоа што само со суштински развој на сите сегменти и на вкупното општество е можно долгорочно и одржливо надминување на корупцијата во нашата земја. Логото е презентирано на почетокот на оваа информација.


Според извештајот на UNODC; 10,8% од граѓаните на возраст од 18 до 64 години биле изложени - директно или преку некој член на нивното семејство - на искуство за поткуп на јавен службеник а со директно искуство за поткуп, процентот е 6,2% од тие граѓани кои имаат контакт со јавната администрација и со оние кои барем еднаш плаќале мито на секои 2 месеци и тоа 6,4% во градско и 5,8% во руралните области. Поткупот во форма на пари претставува скоро половина (45%) од сите форми на мито. Речиси една третина од платеното мито (32%), всушност, го нудат самите граѓани, додека во скоро 50% било платено како резултат на барање (https://www.unodc.org).

Хипокризијата што го мачи целото општество во нашата земја е резултат на лошо реализираната транзиција, на инаугурираното криминално размислување и однесување на сите клетки на системот и целосна духовна метастаза и ерозија на моралот. Се чини дека сме во нормална состојба, но двојните стандарди, колективните архетипи и „дивите“ вредности се нашиот секојдневен живот и тоа е основната причина зошто и покрај многу обиди сеуште сме на ниско ниво на свест, организација, функционалност, етика и естетика. Ова е основната причина зошто е потребен ваков проект за фундаментално менување на свеста на граѓаните, за вградување во неа вредности, критериуми и аксиоми со цел да се ослободи умот од корупцијата и со тоа да се воспостави здрав поредок кој ќе биде насочен кон општествен развој, колективна одговорност и заеднички успех. Само театарот како феномен ја има моќта преку алатките што му се на располагање во овој случај со развиената форма на форум театар – Хепи Хипо Шоу, во комбинација со врвната наука, да направи суштинска и долгорочна промена во избран суштински дел од општеството што ќе продолжи долгорочно да функционира како мрежа за развивање на свеста, менување на навиките и однесувањето на луѓето, ослободени од корупцијата и сите нејзини форми. Ова е клучно за значителен напредок на Република Северна Македонија.


Ги покануваме сите поединци, организации и институции да ни се придружат во овој долгорочен процес за развој на нашето општество.

0 views0 comments

Comments


bottom of page